Анекси на договори за продoлжување на роковите за изградба на трите почнати автопатишта во Македонија, ги одбележаа активностите во патната инфраструктура изминатата година. Во новата година, пак, се најавуваат крупни капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура и гасификацијата на државата.
Министерството за транспорт и врски најави изградба и реконструкција на 700 километри патна мрежа вклучувајќи ја изградбата на експресни патишта, обнова на над 40 регионални патни правци и на автопатски делници. Предизвик во ресорот останува изградбата на железницата кон Бугарија и кон Албанија, а фокус се става на изградбата на гасоводната мрежа.
Прв проект што треба да биде завршен од планираните во патната инфраструктура е изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица . Согласно анексот на Договорот за изградба, по овој автопат треба да може да се вози по 28 февруари годинава. Иако најавуван како готов од претходната власт, по изборот на новата Влада беше официјализирано дека сепак ќе се почека за возење по тој автопат. Не биле изградени контролниот центар кај Неготино и не бил дислоциран 400 киловолтен далновод. По активностите за отстранување на пречките веќе се заокружуваат активностите, а ако се запази и новиот рок изградбата на 28-те километри нова автопатска делница ќе трае вкупно шест години. Со вложувањето од 218 милиони евра за овој автопат ќе се заокружи со целосно автопатско решение Коридорот 10 на територијата на Македонија.
До септември следната година, пак, е најавено дека ќе заврши изградбата на автопатот Миладиновци (Скопје) – Штип во должина од 47 километри, каде вредноста на инвестицијата е 206 милиони евра. Овој автопат требаше да биде готов до мај минатата година, но изведувачот, кинески „Синохидро“, не го запази рокот, кој подоцна беше пролонгиран исто така со анекс на договор. Пролонгирањето, како што беше официјално објавено, е поради отстранување недостатоци појавени во текот на изградбата, како што се дислокација на електрични столбови, експропријација на земјиште и свлечиште.
Ресорниот министер Горан Сугарески објави дека се направени бројни пропусти во изградбата кои претходната власт ги сокрила од јавноста. Со анексот на Договорот, покрај продолжување на рокот, македонската Влада и „Синохидро“ постигнаа договор до 15 февруари годинава да не си наплаќаат меѓусебни пенали во однос на изградбата.
Работите на терен најмногу „запнаа“ за изградба на третата нова автопатска делница Кичево-Охрид, за која новата власт објави дека, меѓу останатото, има промашување на трасата, а Специјалното јавно обвнитество поднесе обвинение за изградбата против високи функционери од претходната власт.
Заради лошо планирање и лоша изведба, според ресорното Министерство, кај земјените траси се констатирани свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата, најмногу на потегот Кичево – Пресека, од 12. до 18. километар. Причина за ова, беше наведено, е изборот на несоодветна траса, како и тоа што не е извршено геолошко бушење на теренот. Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето.
Според најавата од ресорниот министер, на кинеската компанија Синохидро најверојатно ќе и предложат два анекса на договорот за автопатот Кичево-Охрид, едниот за продолжување на рокот за градба за уште околу три години, а вториот за дополнителната сума за доизградба за која се уште се преговара.
Поради ниските температури активностите на терен треба да продолжат во март годинава, а досега изградбата на автопатот, во должина од 56 километри, чини над 400 милиони евра.
Застоите во изградбата на автопатите беа наведени во клучните причини за нискиот економски раст, а доцнењето со овие проекти, според реакциите на бизнис заедницата дополнително ќе се одрази врз стопанството.
Владата најавува активности и за изградба на автопатите Гостивар-Кичево, и автопатска делница-Скопје до граничен премин Блаце. За Гостивар – Кичево треба да се заврши проектната документација за првата од трите планирани фази, а за која вредноста е 90 милиони евра. Најавена е и целосно нова проектна документација за автопатот Скопје-Блаце, што ќе биде долг 13 километри, а во 2019 ќе има и тендер за изградба.
Кај експресните патишта, пак, треба да почне изградба на делницата Штип до Радовиш, Градско – Прилеп, Штип – Кочани, а планирана е изградба и на експресен пат Прилеп – Битола – граничниот премин Меџитлија. Ветена е и реконструкција и доизградба на нова лента на државниот пат од Крива Паланка до Деве Баир, граница со Бугарија. Проектната документација е изработена, почнати се преговори со Европската банка за обнова и развој.
Конкретни работи треба да се испорачат и со проектот на Владата со Светска банка за реконструкција на 12 патни правци со инвестицициска вредност од 14 милиони евра. Проектната документација треба да биде готова до март и да се распишат тендери за реконструкција на 160 километри пат. Со 86 милиони евра средства од Европска банка за обнова и развој, пак, ќе се реконструираат и рехабилитираат 26 патни правци со вкупна должина од преку 400 километри.
Во новата година треба да продолжи и изградбата на две нови и модернизација на пет наплатни станици на Коридорот 10.
Годината што измина по долго време донесе новини за железницата кон Бугарија и кон Албанија. Оптизмизам за 25-годишното ветување за поврзување на Скопје и Софија со железница донесоа Договорот за транспортна заедница, со кој беа одвоени околу 70 милиони евра, за финансирање на изградбата на втората железничка делница Белјаковце – Крива Паланка, долга 34 километри. Завршена е проектната документација, објавена е тендерска документација и, според најавата од Сугарески, кон средината на годинава треба да почне изградбата, а би финиширала до 2021 година.
На терен се во тек активности за првата делница Куманово – Бељаковце, а за третата од Крива Паланка до границата со Бугарија се подготвува тендерската документација. Изградбата треба да започне 2020/2021 година, а проценетата вредност е над 350 милиони евра.
За пругата кон Албанија во годината што измина со финансии од ЕУ беше завршена проектната документација. За проектот за железница од Кичево до границата со Албанија во должина од 63 километри допрва ќе се бараат пари. За овој зафат инвестицијата би изнесувала половина милијарда евра.
Карактеристика за македонскиот железнички сектор и изминатата година беа штрајковите за плати на машиновозачите со целосни блокади на железничкиот сообраќај.
Во делот на инфраструктурата за гасификацијата, за која е почната изградба на неколку магистрални гасоводни правци, годинава, пак, според најавите треба да бидат распишани јавни повици за изградба на гасоводна мрежа за интерконекциските врски меѓу Македонија и Грција и меѓу Македонија и Бугарија, како и поврзување на ТЕЦ Неготино со магастралниот гасовод.