Капитенот на Интер, Мауро Икарди најверојатно ќе го напушти тимот во текот на летото, откако медиумите во Италија пишуваат дека преговори за нов договор се уште не се закажани. Аргентинецот е посакуван од Реал Мадрид, ПСЖ и Манчестер Јунајтед, а откупната клаузула во неговиот сегашен договор е 110 милиони евра.
Таквата сума веќе не е проблем за големите клубови и „нероазурите“ се загрижени дека можеби ќе го загубат својот стрелец. „Газета дело Спорт“ напиша денеска дека сé уште нема разговори помеѓу Интер и Икарди за нов договор. Агентот на напаѓачот – неговата сопруга Ванда беше повеќе од незадоволна од ситуацијата и минатата недела го покажа тоа пред медиумите.
Идејата на Ванда и Икарди е напаѓачот да добие зголемување на платата до 7,5 милиони евра по сезона, а неговата откупна клаузула да биде зголемена на 200 милиони евра. Во исто време „Калчомеркато“ најави дека интерес за Икарди објавил и Баерн Минхен, каде Аргентинецот ќе го замени Роберт Левандовски, при евентуално напуштање на Полјакот.