Како да не е доволно што носат накит за стотици илјади долари и специјално избрани за нив дизајнерски фустани, но си заминуваат и со подароци. Без разлика дали ќе ја добијат посакуваната статуетка или не, 28 од топ номинираните за „Оскар“ актери и режисери добиваат „кошница“ со подароци чија содржина секоја година е различна.
Компанијата „Distinctive Assets“ подготвува „утешителни“ подароци за последните 16 церемонии на Наградите на Академијата. И ако се уште не им завидувате доволно на Марго Роби, Сирша Ронан и Мерил Стрип, видете дел од содржината на „корпата“ оваа година, која повторно е во вредност од над 100 илјади долари:
* 7-дневен одмор во Koloa Landing Resort во Хаваи;
* 12-дневно луксузно сафари во Танзанија (во вредност од над 40 илјади долари);
* Неделен престој во СПА центарот „Golden Door“ во Јужна Калифорнија;
*Одмор во „Avaton Luxury Villas Resort“ во Халкидики, Грција;
* Блутут звучник од „Shop Modern“;
* Слика од Рејан Вилијамс;
* Рачно изработена дрвена кутија Bangarang
* 18-минутна сеанса за третман на фобии со Калиопи Барлис;
* 10 сесии со тренерот на познатите Алексис Селецки (во вредност од над 600 долари);
„Корпата“ вклучува уште дијамантски ѓердан, доживотни залихи со фон де тен „Oxygenetix“, како и уште многу козметика за цела година, накит од чоколадо, адитиви за слабеење, третмани за ласерско подмладување, био чај, јаворов сируп, книги, облека, храна за кучиња и мачки, претплата за стоматолошка клиника и уште многу.
А најверојатно поради растечките случаи на сексуално малтретирање оваа година има и специјален подарок – спреј за самоодбрана.
Од „Distinctive Assets“ откриваат дека фирмите плаќаат за да бидат дел од селекцијата. Но ако мислите дека ѕвездите се благодарни за подароците, не ги познавате. Компанијата тврди дека само 15% од познатите личности ги користат.