ВМРО-ДПМНЕ тврди дека потрошувачката кошничка е пониска за над 2000 денари

од Nikola Popovski
69 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ утрово се пофали дека владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти. Иако од ССМ соопштуваат дека за покривање на минималната синдикална кошница не се доволни две и пол минимални плати во државава, според партијата на власт, потрошувачката кошничка е пониска за над 2000 денари.

-Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари.

Покрај намалувањето на трошоците, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари. Овие податоци кореспондираат со мерките на Владата и се потврда за нивната ефикасност во стабилизирањето на економијата, стои во партиското соопштение.

Од владеачката партија потенцираат дека Владата изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна.

ССМ пред три дена ја соопшти вредноста на минималната кошница за април, која изнесува 62 691 денар, за 836 денари повеќе во споредба со трошоците за живот пресметани во март. Оттаму се осврнуваат и на владината мерка за ограничување на трговските маржи, кои, како што велат, имаа половичен ефект. Според ССМ намалувањето на цените на основните прехранбени производи со мерката изнесува само 6,78 проценти.

Уште една недела ограничување на профитните маржи на производите во маркетите. Мерката за ограничени маржи на 5, 10, 15 проценти даде ефекти во заштитата на животниот стандард на граѓаните и контролата на трговците со цените, сметаат од Министерството за економија и труд.

Ограничувањата на маржите почна на 20-ти февруари.

Мерката донесе преку 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и на мало. Беа затворени осум објекти, претежно увозници на овошје и на зеленчук. Казните собраа преку 3 милиона денари. Од однесувањето на трговците, ќе зависат идните мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

Слични содржини