Парите од паркингот на Водно ќе бидат наменети за одржување на парк-шумата

од desk2
196 прегледи

Сите средства што ќе бидат собрани од паркирањето на Средно Водно ќе бидат наменети за одржување на парк-шумата Водно, реагира Градот Скопје на прес-конференцијата на Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека со цената од 100 денари за паркинг Водно ќе стане привилегија за богатите.

„Градот Скопје реагира и ја демантира содржината на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со ново воведената А0 зона за паркирање и промената на сообраќајниот режим за движење до Средно Водно за време на викендите и државните празници. На истата беа изнесени невистини и селективно презентирани информации со која се дезинформираат и манипулираат граѓаните. Сакаме да потенцираме дека останува на сила бесплатниот автобуски превоз и паркинг за сите коишто сакаат да го посетат Водно, а со новата услуга која ќе се воведе во наредниот период ќе се овозможи бесплатен паркинг за возилата на лицата со посебни потреби“, се вели во реакцијата.

За сите лица кои сакаа да го посетат Водно, потсетува Градот Скопје, се воведе бесплатен автобуски превоз во Средно Водно, како и бесплатен паркинг за сите посетители во катната гаража „Македонска фаланга“ (спроти централната зграда на Макпетрол) и на отворените паркинзи на „Градски паркинг“ кај новиот Цветен пазар. Целта на оваа мерка, велат од Градот, е да се зголеми пристапноста и се дава дополнителни алтернативи за сите оние кои сакаат да го посетат и да рекреираат на Водно.