Скопски пазар и натаму продолжува да ги продава или издава своите атрактивни недвижности во Скопје и низ Македонија, во ситуација кога фирмата е во криза и се бори со наталожените долгови.

На веб-страницата на СП постојано се објавуваат огласи за продажба на деловен простор на компанијата во повеќе градови. Овој месец, Скопски пазар продава деловен простор од над 2.500 метри квадратни во скопски Чаир, како и деловни објекти во Битола (461 метар квадратен) и Охрид (789 квадрати). Компанијата пролетва веќе продала деловен објект од над 2.000 метри квадратни во Кавадарци.
Изминатава година, раководството на Скопски пазар продаде или издаде десетици атрактивни недвижности во сопственост на компанијата, а во исто време фирмата целосно се повлече од пазарот, губејќи ја некогашната врвна позиција во малопродажниот бизнис. Некогашните маркети од ланецот на СП, директорите им ги препуштија на компании кои до вчера им беа конкуренти.
Токму ваквите и слични потези на раководството на СП во изминатите години се причината за тешката состојба во која фирмата се наоѓа денес, велат познавачи на состојбите во СП. Првите луѓе на фирмата веќе се на суд, обвинети за милионски криминал со акциите на фирмата во 2006-2007 година. Според обвинението, директорите користеле пари на компанијата за да купуваат акции на СП за големи износи, за веднаш потоа да ги поништат акциите. Резултатот од ваквиот потег бил зголемување на процентуалниот удел на самите директори во сопственичката структура на СП. Ова, според Јавното обвинителство, укажува на тоа дека првите луѓе на Скопски пазар ја оштетиле фирмата за своја лична корист. Според најавите, можно е судењето да започне во следните недели.