Претставници на медиумите, граѓанскиот сектор и институции дискутираа на дебатата „Саморегулација во медиумите, интересот на јавноста и граѓанска вклученост“ што во организација на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), денеска се одржа во Охрид.

Извршниот директор на СЕММ Марина Тунева ја нагласи важноста на улогата и значењето на граѓанската вклученост во поддршката и унапредување на работата на телото за саморегулација во медиумите, како придонес во насока на поголема професионалност на медиумите и квалитетот на производите што го создаваат и нудат.
-Демократијата бара јавна дебата, а не само информации. Ако и јавноста ја поддржува саморегулацијата таа ќе функционира ефективно, а медиумите ќе се заштитат од контрола од центрите на моќ. Продолжувањето на комуникацијата со граѓаните и јавноста ќе овозможи детектирање на недостатоците во новинарството, што е она што треба да биде почитувано како стандард со цел враќање на довербата на јавноста во медиумите, рече Тунева.
Интенција на Советот е постојано да биде на терен и да функционира заеднички со сите чинители што се важни за процесот на унапредување на работата на саморегулативното тело.
-Свесни сме дека ова е почеток, како во разбирањето на улогата на саморегулативното тело така и во прифаќањето на неговата работа, но правиме обиди да се приспособиме на амбиентот. Преку нас се вкрстуваат интересите на јавноста и медиумите. Функционирањето на саморегулацијата ако е поддржано и ако се одвива добро ќе помогне во промовирањето професионализмот, како и во разбирањето на се она што се случува во медиумскиот простор од страна на пошироката јавност, рече Тунева.
Досегашните активности на СЕЕМ покажуваат дека во најголем дел забелешките на јавноста по однос работата на медиумите и начинот на нивното известување се однесуваат на случаи на еднострано информирање, недоволна политичка дистанца при третирање настани, како и примери на дискриминации на етничка, политичка припадност се до сексуална ориентација.
Механизмите за учество на јавноста во работата на СЕММ ги претстави претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, кој ја нагласи важноста од комуникацијата со граѓанскиот сектор, посебно во делот на заштита на човековите права, но и дијалогот со раководството на медиумите.
-Кога соработката е добра, праксата се менува во позитивна смисла, рече тој.
Кога се зборува за бројот претставки доставени до Советот доминираат, рече, оние што се однесуваат на електронските медиуми, односно порталите.
-Најчесто непочитување на етичките правила и непрофесионално се работи во порталите, но тие и се статистички најбројни. Кај нив се и најгруби нарушувањата, од непроверени информации, вести до говор на омраза, клевети, нецензуриран говор, мешање на факти со мислења и коментари, рече Адамчевски.
Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ од своја страна укажа дека голем број медиуми веќе јавно истакнувааат дека ја поддржуваат саморегулацијата, со забелешка дека тој процес треба да продолжи, а секоја реакција од јавноста за тоа што се случува во новинарското известување е можеби, вели, најефикасната алатка во детектирањето на „лошото“ и за афирмација на „доброто“ новинарство