Албанија меѓу првите ќе го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО. Импресивни се постигнувањата, Македонија никогаш не била поблиску до НАТО и ЕУ, рече Грамоз Ручи, претседател на Собранието на Албанија по денешната средба со премиерот Зоран Заев.

Како што соопшти Кабинетот на Заев, Ручи пренесе импресионираност од постигнувањата на Македонија во делот на политичката стабилност и интеграциите во НАТО и во ЕУ. Оцени дека посебно, благодарение на мудроста и смиреноста на премиерот Заев, спречена е дестабилизација на Македонија со настаните од 27 април во Парламентот, постигнат е реформски развој, меѓуетничка кохезија, добрососедски односи и Република Македонија како никогаш досега е блиску до НАТО и до Европската унија.
Премиерот Заев се заблагодари за поддршката од Албанија во НАТО интеграциите и оцени дека се отворени големи перспективи за соработка на двете држави на економски план.
– Ќе ја искористам приликата, во име на Владата на Македонија, да повикам да се унапреди уште повеќе соработката меѓу двата парламента. Посебно на економски план имаме одлични перспективи, да овозможиме квалитетен живот за граѓаните во нашите земји, рече премиерот Заев.
На средбата беше изразена заедничка поддршка за проектите за поврзување во патната и железничката инфраструктура, за олеснувањето на движењата на луѓе и стоки преку интегрираното гранично управување “One Stop Shop”, што се очекува да се реализира напролет, за енергетското поврзување на кое се работи, како и во областа на царинското работење, образованието, културата. Во таа насока, премиерот Заев побара поддршка да се забрза отворањето културен центар во Тирана за што е веќе разговарано на владино ниво.
На средбата беше поздравена изградбата „Едно општество за сите“ во Македонија, како и заложбите во Албанија за унапредување на правата на Македонците во Република Албанија.