Првите рендери на iPhone XI покажуваат тројна камера (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
86 прегледи


Годината започнува со слики кои, наводно, покажуваат прототип на еден од следните модели во серијата iPhone. Постираните од индиската веб-страница Digit.in рендери доаѓаат од @Onleaks и откриваат каков дизајн да очекуваме од новите паметни телефони на Apple, кои традиционално ќе бидат презентирани на есен. Според соопштението, американската компанија подготвува три модели на паметни телефони кои ќе ја продолжат сегашната серија на производи и сликите се всушност EVT верзија на една од нив.

EVT (engineering validation test) значи дека овие уреди не го носат финалниот дизајн. Следните фази во дизајнот на производот се DVT (design validation test) и PVT (production validation test). И покрај прототипниот карактер, EVT телефоните ги содржат основните хардверски карактеристики, а во овој случај тројна главна камера. Рендерите покажуваат дека таа е сместена во правоаголна област во еден агол на задниот панел и дефинитивно изгледа изненадувачки по својата големина.

Трите камери формираат триаголник, а покрај нив има и LED блиц. Не е исклучено дека третата камера е всушност 3D ToF сензор – за оваа можност, неодамна пишуваа колегите од „Bloomberg“. Ќе се користи за создавање на 3D-мапа на околината, а технологијата со емисија на невидливи ласерски зраци и овозможува да работи на растојание до 5 метри. Позиционирањето на камерите на поголемо растојание едни од други, исто така, може да има практична страна поврзана со подобро читање на длабочината на сцената.