
Малку повеќе од еден месец останува до многу очекуваната премиера на Samsung Galaxy S10. Новата серија на паметни телефони ќе има најмалку три модели кои ќе ги видиме за првпат на 20-ти февруари. Големината на уредот ќе варира помеѓу 5,8 и 6,4 инчи, а веројатно ќе бидеме сведоци на верзија со поддршка на 5G мрежи. Во последниве неколку недели, Galaxy S10 беше предмет на многу шпекулации, а сега разбираме повеќе детали и цените за европскиот пазар, објави pocketnow.
Корејскиот производител веќе тестира уште еден, четврти модел, кој ќе се вика Galaxy 10 X – нивниот прв паметен телефон со 5G технологија. Уредот ќе понуди голем 6.7-инчен дисплеј со Infinity-О дизајн, четири задни камери, 1TB внатрешна меморија и повеќе од 10GB RAM. Toа ќе биде најскапиот смартфон од серијата, бидејќи ќе биде достапен за приближно 1.400 евра. Продажбата стартува на 29 март во ограничен број на земји кои веќе имаат изградена 5G инфраструктура.
Другите три уреди се достапни за корисниците од 8 март или точно 16 дена по официјалната премиера. „Евтината“ верзија на смартфонот, која ќе се вика Galaxy S10 Lite, ќе биде достапна во Европа за околу 620 – 700 евра. Стандардната верзија на уредот, како и Galaxy S10 + ќе дебитира на европскиот пазар по цена од 1.250 – 1.400 евра. Овие бројки официјално не се потврдени од Samsung, но тие изгледаат рационални во однос на подобрувањата на паметните телефони.