Honor View20 – одлични карактеристики за 569 евра (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
150 прегледи

Вчера Париз беше сцената за глобалното претставување на првиот предводник смартфон на Honor за оваа година – сигурно претпоставивте дека тоа е моделот View20, кој беше претставен во Кина кон крајот на минатата година. Смартфонот има интересен дизајн со нано-литографска техника за обработка на задниот панел, која создава V облик градиент и е опремена со вградена во екранот селфи камера. Таа е со резолуција 25МР (f / 2.0) и е монтирана на посебен начин под LCD екранот.

Селфи камерата има специјално создадена леќа, која според компанијата е изработена со многу висока прецизност. Honor V20 нуди 6.4-инчен, 19.25: 9 LCD дисплеј со резолуција 1080 x 2310 пиксели (зазема 91.8% од предниот панел), 8-јадрен чипсет Kirin 980 и 4000 mAh батерија која поддржува полнење при 22.5W. Смартфонот е опремен и со посебен систем за течно ладење, кој е од корист при забавата со видео игри – Honor тврди дека таа може да ја намали температурата на телефонот зa до 10 степени. Технологијата ja лади и камерата за непроблематична долготрајна работа. Додадена е и тројна Wi-Fi антена, за да не се попречува на квалитетот на врската при држење на телефонот.

Главната камера se потпира на 1/2-инчен 48MP сензор Sony IMX586 со Quad Bayer пикселен распоред и бленда f / 1.8 – при снимање може да се користи целосната резолуција или да се создаваат 12МР детални снимки преку комбинирање на пикселите. Камерата се потпира и на технологија за вештачка интелигенција, која и овозможува да прави 48МР слики во режим AI Ultra Clarity со комбинирање на повеќе кадри во една крајна слика со висока дефиниција. Вклучен е и 3D ToF (time of flight) сензор за скенирање со инфрацрвена светлина на средината и објектите пред неа и нивно одвојување од позадината. Овој додаток се користи за нешта како пресметка на калориите во храната, за управување со игри преку движења на телото (работи слично на Kinect), за ефекти со додадена реалност, па дури и за ретуширање на телото во слики и видео.

Honor View20 користи Android 9 со интерфејс Magic UI 2.0.1, a меѓу софтверските додатоци откриваме GPU Turbo 2.0, АIS (електронска стабилизација со вештачка интелигенција) во камерата и познатиот ноќен режим за снимање со долга експозиција од рака. Не е пропуштена и опцијата за врска на телефонот со монитор, глушец и тастатура, а за возврат Link Turbo ја комбинира Wi-Fi и мобилната конекција за брзо симнување на големи датотеки и намалување на латенцијата при гејмингот. Наскоро уредот ќе поддржува и Fortnite при 60fps, а освен тоа, корисниците ќе добијат специјален „скин“ во играта.

Honor View20 ќе се нуди во црна и сина по цена од 569 евра за 6 / 128GB и во сино и црвено по цена од 649 евра за верзијата со 8 / 256GB – тоа е посебна колаборација со италијанската модна марка Moschino.