
Колегите од GSM Arena добиле информации од неименуван извор дека S10 ќе се нуди во три големини, а исто така дека наводниот најмал модел нема да се вика Lite.
Едноставно ќе биде помала варијанта на S10, која ќе го вклучува истиот чипсет и меморија како на својот поголем брат. Според истиот анонимен извор сепак најголемиот Galaxy S10 + ќе понуди импресивни 12 GB RAM меморија, плус 1 TB внатрешна меморија за складирање на податоци. Импресивното во целиот случај е дека многу современи компјутери доаѓаат со помала количина на меморија од двата типа. Друго прашање е како Android оперативниот систем ќе има корист од 12 GB RAM. Сепак, ние сме сигурни дека просторот за складирање ќе биде искористен соодветно од страна на корисниците.
Понатаму, 6.4-инчниот S10 + ќе располага со три задни и две селфи камери, додека другите два модела ќе имаат по една селфи камера. Во однос на грбот – стандардниот 5,8-инчен S10 исто ќе располага со три задни камера сензори, додека најмалиот „само“ со два.
Опсегот на бои што ќе ги имаат уредите вклучува црна, бела и морско зелена. Некои модели исто така ќе бидат достапни во дополнителни бои – сина и жолта.
И трите S10 модели ќе го имаат новиот One UI софтвер и ќе имаат 3,5 мм џек за слушалки.
Официјалната промоција ќе биде на 20-ти февруари, додека нивната премиера на пазарот ќе биде на 8-ми март.
