Поранешната косовска министерка за евроинтеграции и главна преговарачка во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Едита Тахири ја оцени како скандалозна изјавата на портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич дека „прашањето на рудникот Трепча треба да се реши со финалниот договор меѓу Косово и Србија“.
Тахири за порталот „Калѕо“ оцени дека ваквата изјава на Коцијанччќ е „воено подбуцнувачка“, додека за високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини вели оти покажала дека застанала на страната на Србија и веќе не може да биде посредник во преговорите меѓу двете држави.
– Силно се спротивставувам на оваа скандалозна, воено подбуцнувачка изјава, од канцеларијата на Могерини, која покажува дека Могерини застана на страната на Србија, со што ја изгуби довербата дека може да биде неутрален посредник во дијалогот во Брисел. Ова не е став на ЕУ, туку само на некои тамошни службеници кои се на погрешен пат, изјави поранешната главна косовска преговарачка со Белград.
Според неа, Могерини веќе не службува за ЕУ и работи на штета на земјите од Западен Балкан.
– Мислам дека прашањето во чија служба е Могерини е хипотетичко, бидејќи е јасно дека не ѝ службува на ЕУ, ниту пак ги штити принципите на ЕУ за Западен Балкан, каде што шест држави, вклучително и Косово, се на патот на евроинтеграциите, изјави Тахири.
Според неа, алрамантно е непочитувањето од страна на канцеларијата на шефицата на дипломатијата на ЕУ на ставовите на земјите кои ја признаваат независноста на Косово.
Денешната изјава на Коцијанчич за српските медиуми, по повод изгласувањето на Статутот на рудникот Трепча во Собранието на Косово, дека тоа прашање, „како и сите други отворени прашања меѓу двете држави, треба да се реши единствено преку финализација на дијалогот“ меѓу Косово и Србија, предизвика жестоки реакции во Приштина.