Пратениците од партиите кои се дел од Сојуз за Србија (СзС), моментално најсилниот опозициски блок, почнаа со бојкот на работата на српскиот парламент. Во бојкотот учествуваат и пратениците од Клубот на независни пратеници, кои не се членки на Сојузот за Србија, но се потписници на „Договор со народот“ и листата на барања за фер и слободни избори.
Шефовите на опозициските парламентарни групи најавија дека за дневниот ред на денешната седница ќе разговараат на секои половина час во собраниската сала. Тие порачаа дека бојкотот е нивна обврска кон граѓаните кои протестираат во Србија и дека на овој чекор се обврзани со Договорот со народот, кој го имаат потпишано.
– Ние, потписниците на „Договорот со народот“ сме сериозни луѓе и една од точките на документот е напуштање на сите институции и тоа што го потпишавме сега го спроведуваме. Опозициските пратеници ќе ги напуштат и седницата на локалните собранија. А ние на секои половина час ќе држиме конференци на кои ќе зборуваме за законите што се на дневен ред. Сите нека дознаат дека во Србија од денеска постојат две собранија – насилнички, узурпаторски и демократски, кој ќе заседава во ходникот на Собранието, изјави лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој е член на СзС.
СзС најави дека ќе бараат оставка од министерот за образование Младен Шарчевиќ и на сите останати од извршната власт, како и од претседателката на Собранието Маја Гојковиќ да поднесат оставки, бидејќи, како што рече заменик-претседател на Народната партија (НС) Мирослав Алексиќ, истите ги имаат повеќепати прекршено законите и Уставот.