Ќе се зголеми достапноста на лекот „Ocrevus“ за забавувaње на развојот на мултиплата склероза

од Vladimir Zorba
160 прегледи

Универзитетската клиника за неврологија, со поддршка од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, ќе ја зголеми достапноста на лекот „Ocrevus“ за повеќе од 40-тина пациенти, кои боледуваат од мултиплата склероза. Ова денеска го соопшти директорот на Клиниката за неврологија, Иван Баров, на регионалната средба на невролозите од Република Северна Македонија и Косово, што се одржа во организација на Универзитетската клиника за неврологија.

– Покрај споделувањето на нашето досегашно искуство со лекот „Ocrevus“, како една од првите држави во регионот која го користи лекот во редовна клиничка практика, годинава ќе добиеме дополнителен условен буџет за зголемување на достапноста на лекот. Минатата година имавме девет пациенти на оваа терапија, а годинава планираме бројот на пациенти да изнесува повеќе од 40, посочи Баров.

Лекарите од Косово го посетиле Центарот за интравенски третман на мултипла склероза на Клиниката за неврологија, каде пациентите ја примаат интравенската терапија.

Целта на средбата е воведување иновации, унапредување на клиничката практика и подобрување на квалитетот на живот на лицата со невролошки заболувања, меѓу кои е и мултиплекс склероза, како и размена на знаење и искуство.