Алкохолизирани, сообраќајки и починат таксист во возење

од Vlatko K
129 прегледи
МВР Билтен…

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје во периодот од 23 до 05 часот спроведе зајакната акциска контрола за откривање возачи кои возат под дејство на алкохол.

Од страна на полициски службеници контролирани се 159 возачи, a кај 26 утврдено е присуство на алкохол. Откриени се и 51 останати прекршоци.

Во однос на управување на моторни возила со брзина поголема од дозволената спроведена е акциска контрола вчера во периодот од 6 до 22 часот при што е констатирано дека 69 возачи ја пречекориле брзината на движење со моторно возило и издадени се мандатни платни налози. Исто така, констатирани се и 46 останати прекршоци, за кои се издадени 29 мандатни платни налози и 17 прекршочни платни налози.

На 23/24.02.2019 година во периодот од 23 до 05часот на подрачјето на Скопје со специјално возило “пајак” се подигнати 27 возила кои биле непрописно паркирани, во најголем дел на улиците „Димитрија Чуповски“ и „Јордан Мијалков“.

Во Виница вчера во 04:28 часот на улицата „Индустриска“ се случила сообраќајна незгода во која со тешки повреди се здобиле двајца возачи.

Сообраќајката се случила меѓу патничко возило „форд фиеста“ управувано од М.Д.(58) и товарно возило „ман“ со полуприколка „кроне“ управувано од Д.З.(24) од виничкото село Трсино.

Повредените се пренесени во болницата во Кочани од каде се препратени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото извршила екипа од полициската станица Виница.

Вчера во 12:30 часот на магистралниот пат Македонска Каменица-Кочани, кај местото викано „Кантурски рид“, се случила сообраќајна незгода меѓу патничко возило „фиат добло“  управувано од М.Н.(61) и патничко возило „југо“ управувано од Б.П.(49) од селото Дулица-Македонска Каменица.

Притоа, со тешки телесни повреди се здобил возачот на југото кој бил пренесен во болницата во Штип. Извршен е увид.

На локалниот пат во населбата Теферич во Струга вчера во 16:20 часот, Ф.Б.(39) од селото Шум управувајќи возило „опел астра“ изгубил контрола и излетал од патот.

Притоа, со тешки телесни повреди се здобил 15-годишниот сопатник од селото Шум кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа од полициската станица Струга.

Вчера во периодот од 13:15 до 14 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории кај лицето З.Х.(33) од селото Челопек, тетовско, кај кого нашле една дигитална вага, околу 500 грама марихуана и други предмети со остатоци од марихуана.

Лицето е приведено и задржано во полициска станица еден ден претходно бидејќи при личен преглед и преглед на возило во кое бил, исто така, полициски службеници пронашле марихуана. По целосно документирање на случајот против З.Х. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Околу 21 часот вчера во полициската станица Ресен било пријавено дека во ресторан на ул.„Јосиф Јосифовски“ настанала физичка пресметка помеѓу Б.О.(21), Л.А.(46), Т.Р.(33), од една страна и Р.Д.(51), од друга страна, сите од Република Албанија, кои работеле во Ресен.

Според пријавата, во еден момент тие излегле надвор пред објектот, каде Р.Д. на Л.А. со нож му нанел убодни рани, а на Т.Р. расекотина. Полициски службеници веднаш по пријавата излегле на местото на настанот. На лицата им била укажана медицинска помош во болницата во Битола, а потоа Б.О., Т.Р. и Р.Д. биле лишени од слобода и задржани во полициската станица Ресен, а Л.А. бил задржан на лекување. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ на семафорите кај железничката станица, на лентата за вртење лево, во такси возило „фиат линеа“ со скопски  таблички починал такси возачот М.П.(58) од Скопје.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на семејството за погреб.