Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги отфрли како неосновани информациите во медиумите дека САД ќе ги повлечат своите војници од Косово доколку неговата влада не ја повлече одлуката за 100 отсто такса на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Во интервју за косовската јавна телевизија, РТК, Харадинај рече дека евентуалната одлука да ја напушти базата „Бондстил“ во Косово, Вашингтон нема да ја донесе „надвор од своите глобални безбедносни интереси“.
– Ако е до таксата, Америка никогаш нема да ја повлече војската – за тоа воопшто да не се грижите. Ако планира да ја повлече, ќе го стори тоа – со таксата или без неа. „Бондстил“ ќе се затвори единствено ако е тоа дел од глобалните планови на Америка. Заради таксата тоа нема да го стори. А за нешто друго – кој знае. Таквите одлуки се донесуваат поинаку, бидејќи се работи за глобалната безбедност, изјави Харадинај.
Косовскиот премиер вели дека му е жал поради тоа што околу прашањето за санкциите кон Србија има поделени мислења кај албанскиот политички спектар во Косово и што „некои од косовските политичари поинаку им ја претставуваат на САД ситуацијата во врска со дијалогот со Србија“.
– Опасноста не доаѓа од Америка, ниту од Европа – доаѓа од кај нас. Ситуацијата е ваква каква што е. Не може да има координација со некого кој излегува надвор од Уставот, изјави Харадинај.
Ваквиот став косовскиот премиер го изнесе во однос на прашањето за разликите меѓу него и претседателот на државата, Хашим Тачи, во врска со таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ и барањето на Вашингтон за укинување на истата.
Тачи бара укинување на таксата, со цел да се деблокира дијалогот со Србија, додека Харадинај е решителен дека таа ќе остане се додека Србија не ја признае независнота на Република Косово.