Инвестициите од 624,49 милиони евра во 2018 година се реални и тоа го покажуваат бројките на Народна банка, чија методологија е иста во изминативе 10 години. Тие бројки покажуваат дека инвестициите од минатата година се 276% повеќе од просекот на претходните 8 години и скоро дупло повеќе од најдобрата година во изминатите 10, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев, синоќа во дебатната емисија „Топ-тема“ на ТВ Телма.

Тој додаде дека дури и реинвестираните средства се добри, зашто значат доверба кај инвеститорите.
– Ние како Влада сме посветени сите инвеститори, не само странски туку и домашни, да ги охрабриме да инвестираат. Веќе и во делот на домашните инвеститори бројките се добри – рече тој.
Според вицепремиерот за економски прашања, членството во НАТО има заслуги за порастот на инвестициите, но дека тоа не е доволно само по себе.
– НАТО има големо влијание. Основни услови за развојот на која било економија се владеење на правото, стабилна држава и постоење на одредена бизнис-клима. Со влезот во НАТО, мислам дека многу се направи за стабилноста на државата. Но НАТО само по себе нема да донесе многу, ако ние не знаеме тоа да го капитализираме со добри програми, добра политика кон инвеститорите и со атрактивни мерки, бидејќи целиот свет ви е конкуренција и вие мора да се борите со целиот свет – рече Анѓушев.