Жената во Македонија заработува 17,9 отсто помалку од маж

од desk2
106 прегледи

Жената во Македонија со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9 отсто помалку, односно таа би морала да работи дополнителни 65 дена за да ја оствари истата плата како мажот. Слична е состојбата и во руралните средини, а највисока стапка на невработеност е забележана кај младите рурални жени, од кои 59 отсто се на возраст од 20 до 30 години.

Околу 64 проценти од руралните жени неработат, а најголема причина за тоа се негата на децата, како и неплатената работа во домаќинствата и семејните фарми

Овие поразителни бројки ги ставаат жените во подредена положба и уште повеќе ја зголемуваат нивната желба за подобра економска позиција и борбата еднакви можности и раководење со повисоки позиции. Тоа, според нив, може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата.

Според потпретседателот на ССК, Габриела Кулебанова, треба веќе да ги надминеме стереотипите од типично машки и женски професии. Во Македонија веќе подолго време нема професија во која не може да се сретне жена. Жените ги има насекаде, возат автобуси, камиони, трактори, дури и во градежништвото.

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2017 година покажуваат дека голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Согласно податоците на ДЗС, 53,5 отсто од работоспособните мажи биле вработени, 15,8 проценти невработени, а 30,7 отсто неактивни. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација само 34,6 отсто биле вработени, невработени 9,7 проценти, а неактивни биле високи 55,7 отсто.

– Сето ова укажува на фактот дека жените не само што тешко доаѓаат до раководни позиции туку дека тие се надвор од пазарот на трудот. Во согласност со анализите, тоа се должи на стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, како и фактот дека голем дел работат во рамките на сивата економија. Дополнително, иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така, поточно е само на хартија, додека таа функција реално ја вршат мажите, рече Кулебанова.

Според неа за да се подобри ваквата состојба потребно е сите фактори во општеството да се фокусираат на обезбедување на еднакви можности за жените, особено на повисоките позиции бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени смета дека неопходно е сите чинители да помогнат за промоција и зајакнување на потребата за развој на женското претприемништво… Најголеми предизвици на жените кои сакаат да започнат деловни потфати се пристапот до финансии, до информации, пристап до знаење и вештини за претприемништво, пристап до бизнис мрежи и ускладување на работниот и семејниот живот.

-Притоа треба да обезбедиме системска поддршка за развој на женското претприемништво како, подобрување на пристапот до поволни форми на финансирање, обезбедување на потребните знаења и вештини, со посебно нагласување на зајакнато присуство на жените во креирање на политики за развој на претприемништво, посочи Дисоска.

Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека само пет проценти од руралните жени се сопственици на имот и земјоделско земјиште, а најголема пречка и понатаму се традиционалните норми со кои се префрла имотот на мажите.

Според неа, потребно е од законите да се исфрлат мерките кои се дикриминаторски и со кои жените се ставаат во подредена положба во однос на мажите. Таа додаде дека руралните жени возат трактори, а руралните мажи неможат да измијат ни чинии.