Службеник во Амбасадата на САД во Москва носел бомба на аеродром

од desk2
105 прегледи

Службеник во американската Амбасада во Москва денеска се обидел да влезе во аеродромот Шереметјево носејќи бомба со осигурувач во багажот, но без експлозив.

– Аеродромскиот персонал го скенирал багажот на службеникот во Амбасадата на САД и откриле предмет кој изгледал како бомба, изјавил за агенцијата Тас извор од руското Министерство за надворешни работи.

Потоа биле повикани техничари кои потврдиле дека е бомба со осигурувач но без експлозив, иако во телото на бомбата имало траги од експлозив.

Аеродромската полиција веднаш ја известила американската Амбасада за инцидентот.

– Очекуваме од Амбасадата да го објасни однесувањето на нејзиниот службеник, рекол истиот извор.

Службеникот изјавил дека си заминува од Русија затоа што му завршил мандатот во американската Амбасада и тврдел дека бомбата ја купил за своја лична колекција. Бомбата му била одземена, а тој заминал за Њујорк.