Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и СДСМ во МВР на позиции држат лица против кои се води крвична постапка за тешки кривични дела против човечноста, МВР демантира.

„Спасовски веќе два месеци на позицијата началник на СВР Штип го држи Љупчо Трајковски, против кого според нашите информации е поднесена кривична пријава за криумчарење на мигранти според чл.418-б од КЗ.
Против Трајковски надлежниот суд има изреченомерка на претпазливост – одземање на патна исправа. Трајковски, иако осомничен за сериозно крвично дело, против човечноста и меѓународното право, за кое според ст. 5 од чл. 418-б, бидејќи истиот е службено лице му се заканува казна затвор од најмалку десет години, се уште ја извршува функцијата началник“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР пак соопштија дека полицискиот службеник Љ.Т., токму од МВР, односно во истрагата на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Обвинителството за организиран криминал и корупција е осомничен за сторено кривично дело.
„По добиено писмено одобрение од надлежното Обвинителството, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и наложи истиот да биде суспендиран до завршување на дисциплинската постапка. Љ.Т не извршува работни задачи поради користење боледување, а во моментот вршител на должност- раководител на СВР Штип е помошник началникот кој работните задачи ги извршува согласно законот. Веднаш штом ќе биде затворено боледувањето, односно Љ.Т ќе се појави во просториите на СВР Штип, решението за времено отстранување од работа односно суспензија, како што налагаат законските прописи, ќе му биде врачено“, стои во соопштението од МВР.