Пилотот на Мерцедес, Валтери Ботас доминираше тотално во Гран При на Австралија од стартот до
финишот и ја грабна на категоричен начин победата на отворањето на сезоната 2019 во Формула 1.
Финецот беше недостижен од моментот во кој го претекна клубскиот колега Луис Хамилтон уште на
стартот, и во текот на трката во Мелбурн обезбеди удобна предност од над 20 секунди пред Луис.
Ботас беше толку самоуверен пред финалето дека побара од Мерцедес да помине низ боксот за
нови гуми, за да ја направи најбрзата обиколка во трката. Од тимот не му го дозволија овој ризик,
но Валтери успеа да го направи со стари гуми, што му донесе уште еден бод бонус кон 25-те од
победата денес.
Луис Хамилтон денес немаше одговор на темпото на Ботас, и го понесе најтешкиот пораз во
внатрешната битка од доаѓањето на клубскиот колега во Мерцедес. Сепак Британецот обезбеди
двојна победа за германскиот тим кој доминираше тотално во Австралија.
На третото скалило на подиумот во Мелбурн се качи Макс Верстапен од тимот на Ред Бул.
Холанѓанецот го имаше потребното темпо на крајот на трката да го претекне дури и Хамилтон за
второто место, но грешка и поминување низ тревата го лиши од тоа.
Фетел остана четврти, без шанси за пласман на подиумот, откако се движеше со многу слабо темпо
со гуми во многу лоша состојба. За неколку обиколки, Германецот дури беше стигнат од својот
тимски колега Леклер, кој имаше поинаква стратегија и тип на гуми, а претходно се движеше
десетина секунди зад Себастијан.