
На прашањето дали на Вас некогаш ви била ограничена слободата на вероисповед, 80 проценти од испитаниците одговориле „не“, наспроти 9,2 со „да“ и 10,4 проценти кои не сакале да одговорат.
Прашани дали државата е рамноправна кон сите верски заедници, најмногу 38,6 проценти одговориле „да“, додека 26,1 процент „донекаде да“, наспроти 7,5 отсто со „не“ и 14,7 со „донекаде не“.
Главните поенти од повеќето научни и прецизни истражувања врз методолошки пристап за тоа како и што верниците од различна верска припадност знаат и мислат за различните од себе и за улогата на религијата и општеството се објавени во публикација насловена „Македонија како мултиконфесионално општество – перцепции за влијанието помеѓу религија и државата“.
Според публикацијата, поголем дел од граѓаните се изјасниле дека се суеверни, односно кај граѓаните со православна вероисповед 57 проценти се изјасниле потврдно, додека кај муслиманите овој процент е дури 91 отсто. Кај православните христијани, 19 проценти редовно, а 35 проценти понекогаш постат, додека кај муслиманите овој процент е многу повисок, односно 84 процент редовно и 10 проценти понекогаш постат.
Според анализите во публикацијата, постои одредена разлика меѓу перцепциите и практикувањето на религијата, што е позабележителна кај православните, отколку кај припадниците на исламската вероисповед. Така, околу 80 проценти од муслиманите имаат релативно добри основни познавања на Куранот и обичаите, што е случај со околу 25-30 проценти од православните и основните познавања на Библијата. Муслиманите, исто така, повеќе се запознаени со Библијата или делови од неа, споредено со познавањето на Куранот и основите на Исламот од страна на православните верници, се наведува во публикацијата.