САД размислуваат да наметнат санкции на Турција

од Vladimir Zorba
72 прегледи

САД ќе наметнат санкции на Турција и ќе ја замрзнат испораката на американски борбени авиони Ф-35, ако земјата продолжи со обидот за стекнување и распоредување на рускиот систем за противракетна одбрана Ц-400, изјави во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ американскиот сенатор Роберт Менендез.

– Нема шанси да добија Ф-35. Ќе има санкции според законите што постојат денес. Тоа е купување на голем дел од воената опрема од Русија и тоа е активност, која ќе е за санкции за секој во светот – вклучувајќи Турција. Нема начин да имате … Ф-35, поставен до Ц-400, кој, исто така, би можел навистина да ја набљудува суштината на технологијата која ја имаме во Ф-35. Така што, тоа е невозможно да се случи“, рече американскиот политичар.

Тој истакна дека некои од најсилните поддржувачи на договорот за Ф-35 и други американски претставници, кои сметаат дека Турција се уште е главен партнер во областа на безбедноста во регионот, се „многу јасни“, дека тоа „едноставно не може да се случи“.

Запрашан дали САД ќе размислуваат за преместувањето на американските воени бази од Турција во Грција, ако односите меѓу Вашингтон и Анкара продолжат да се влошуваат, Менендез рече дека иако не верува дека тоа ќе се случи, САД ќе направат се што е можно за да ја заштитат националната безбедност – вклучувајќи преместување на своите бази.

Американскиот политичар исто го поздрави Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје, истакнувајќи дека тој ќе и овозможи на Грција да игра важна улога на Балканот.