Pixel 3a и 3a XL – достапни модели со чист Android (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
114 прегледи

По неколку месеци на „протекувања“ веќе ги имаме и официјалните детали за новите претставници во серијата Pixel 3. Како што очекувавме, уредите се нарекуваат Pixel 3a и 3a XL и во голема мера ги нудат основните способности на своите поскапи роднини – OLED дисплеј, импресивна камера, најновата верзија на Android и ветување за брзи ажурирања, но за значително пониска цена.

И двата модели се со пластична конструкција и користат чипсет Snapdragon 670 во комбинација со 4GB RAM и 64GB внатрешна меморија, но имаат OLED дисплеј со дијагонала 5,6 и 6-инчи со резолуција 2220 x 1080, односно 2160 x 1080 пиксели.

Уредите имаат главна камера со 12.2MP (f / 1.8) сензор Sony IMX363, оптичка и електронска стабилизација, а освен тоа имаат приклучок за слушалки, стерео звучници и Active Edge сензори за притисок во страничната рамка.

Додадена е и предна камера од 8 MP со f / 2.0 бленда. Батериите имаат капацитет од 3.000 и 3.700 mAh и поддржуваат брзо полнење на 18W.

Во однос на Pixel 3, нема Pixel Visual Core за да ги забрза перформансите на камерата и опцијата за зачувување фотографии во оригиналната резолуција на Google Photos, но цената е многу помала. Телефоните ќе се продаваат за 399 и 479 долари (399/469 фунти, 399/479 евра) и се достапни во црна, бела и виолетова.

Уредите се нудат во Google Store во 13 земји – Австралија, Канада, Франција, Германија, Индија, Ирска, Италија, Јапонија, Сингапур, Шпанија, Тајван, Велика Британија и САД.

https://www.youtube.com/watch?v=vc7LlUtQgNw