
Samsung произведува голем дел од компонентите на серијата смартфони Galaxy, што им дава поголема контрола врз хардверот. Корејскиот гигант користи свои NAND и RAM модули, но, исто така, развива напредни сензори за камерата. Овие компоненти се продаваат и на други производители, но тие се исто така достапни во премиум уредитена Samsung. Сега компанијата го претстави новиот ISOCELL Bright GW1, кој ветува дека ќе ги подобри можностите за мобилна фотографија, објавува „TheVerge“.
Всушност, тоа е сензор за камера кој поддржува резолуција од 64 мегапиксели и ги користи истите 0.8μm пиксели во актуелните 48MP леќи на компанијата. Ова значи дека ISOCELL Bright GW1 има поголеми физички димензии и затоа е во можност да фати повеќе светлина од претходниот модел. Паралелно, обезбедува резолуција со која не може да се пофали ниту еден друг сличен модул. Ако сè оди според планираното од Samsung, масовното производство на ISOCELL Bright GW1 ќе биде лансирано до крајот на 2019 година.
Новиот сензор ќе снима фотографии од 16 мегапиксели со спојување на четири поединечни пиксели во еден. Ова е истиот метод со кој сегашните 48MP камери стандардно прават 12MP фотографии. Компанијата вели дека при соодветно амбиентално светло, корисниците ќе можат да создадат фотографии со полна резолуција од 64 мегапиксели. Samsung ISOCELL Bright GW1 ќе ги подобри суштински камерите на уредите со Android и веројатно првиот од нив ќе биде достапен во втората половина од годината.