Samsung пред тежок избор – САД или Кина?

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Водечките производители на чипови во Јужна Кореја, Samsung Electronics и SK Hynix, доживуваат сериозни дилеми во врска со трговската војна меѓу САД и Кина, пишува „The Korea Times“. Двете компании се соочуваат со тежок избор – која од страните во конфликтот треба да се поддржи?

Пекинг го зголеми притисокот врз компаниите, барајќи од нив да не се приклучуваат кон санкциите на Вашингтон против Huawei. Според информираните извори на „Њујорк тајмс“, неодамна претставници на водечки технолошки компании, американските Microsoft и Dell, како и јужнокорејските Samsung и SK Hynix, биле повикани од страна на кинеската влада на тајни средби и биле заплашени од „тешки последици“ ако го поддржат бојкотот на Huawei.

Samsung и SK Hynix не коментираат дали имало таков состанок, бидејќи темата е доста чувствителна. Претходно Пекинг ги објави плановите да формира свој црна листа на неверодостојни компании во одговор на мерките против Huawei. Во мај кинеската компанија беше ставен во црна листа на САД и ја загуби можноста да купува компоненти и софтвер од американски фирми без дозвола на властите.

Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Јужна Кореја, Хари Харис ги повикува локалните технолошки компании да се приклучат кон бојкотот на Huawei, прогласен од Вашингтон. Во таква ситуација јужнокорејските фирми ризикуваат да станат жртви на трговската војна на двете најголеми економии во светот, без разлика која страна ја заземаат во конфликтот, коментираат аналитичарите.

Според претставник на една од технолошките компании, кој побарал анонимност, станува тешко да задржиш неутралност, бидејќи конфликтот е геополитички и економски. Тој стравува дека корејските компании ќе се соочат со забавување на бизнисот.

Samsung и SK Hynix не можат да го нарушат партнерството со Huawei, бидејќи кинескиот производител купува компоненти од нив во вкупна вредност од околу 18,4 милијарди долари годишно.

Експерти од индустријата предупредуваат дека ескалацијата на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина ги отежнува можностите за бизнис на јужнокорејските компании, бидејќи тие се многу зависни од двата пазари.

„За корејските трговци, како САД, така и Кина се подеднакво важни и за нив ќе биде исклучително тешко да се одлучат на кој камп да се приклучат“, ја прокоментира ситуацијата Ман Банги-Ки, виш истражувач во Корејската меѓународна трговска асоцијација KITA.