
Дали е можно турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган два пати да ги изгуби истите избори? Во Истанбул на 23 јуни, изборите за градоначалник ќе бидат повторени. Во март, партијата АКП на Ердоган беше поразена на локалните избори. Сепак, претседателот одби да ги прифати резултатите и изврши притисок врз изборната комисија, која ги поништи 14 дена подоцна. Одлуката беше определена како недемократска од опозицијата, како и од ЕУ, пишува „Дојче Веле“. Со наближувањето на повторните избори сепак кандидатот на Републиканската опозиција, Екрем Имамоглу повторно води во излезните анкети пред поранешниот турски премиер Бинали Јилдирим.
Изминати и идни избори
Околу 10 милиони луѓе ќе можат повторно да гласаат за градоначалник на најголемиот град во Турција по серијата фарси што доведоа до поништување на претходните резултати од изборите. Главните кандидати се исти како на гласањето во март – претходниот победник Екрем Имамоглу – од Републиканската опозициска партија и поранешниот турски премиер и градоначалник на Истанбул, Бинали Јилдирим од AKП на Ердоган.
Досега, анкетите покажуваат дека Имамоглу повторно води со околу 2% пред Јилдирим. Но, тоа не значи многу – и на изборите во март, Имамоглу водеше сé толку и повеќе, според социолозите, но победи само со 14.000 гласови разлика. Системот, раководен од Ердоган и неговата партија, ги има сите интереси вакво нешто да не се повтори, откако растат сомнежи од страна на опозицијата и ЕУ дека по недемократското поништување на претходните избори, резултатите од претстојните може да не се реални.
Интересно е да се спомене, сепак, дека овој пат Ердоган речиси исчезна од јавниот простор и го остави Јилдирим сам да ја води кампањата. На претходните избори Јилдирим беше во сенка на семоќниот претседател, кој ги предводеше националистичките собири во центарот на Истанбул. Така загубата на изборите се претвори во пораз на самиот претседател. Овој пат, Ердоган се разграничи од Јилдирим, ако неговиот кандидат на крајот повторно загуби.
Судбината на Истанбул, но и на Турција
Сепак, колку и да се разграничи од Бинали Јилдирим, Ердоган сфаќа дека сегашните избори се огромен залог. Поништувајќи ги резултатите од претходните избори, тој ги налути дури и неговите следбеници, кои видоа во Имамоглу чесен кандидат, подготвен да гради мостови меѓу различни групи во Турција.
Ердоган, исто така, го познава политичкиот пат пред Имамоглу. Самиот Ердоган започна кон сегашната речиси неограничена моќ како градоначалник на Истанбул. Градот е најголемиот економски центар на земјата и е одговорен за 31% од нејзината економија. Повторен пораз таму би значело и оценка на бизнис елитата за AKП, на која партијата „на развојот“ посотјано се додворува.
Постојаната рецесија, речиси 20% инфлација и постојано влошување на должничката криза, имаат сериозно влијание врз јавното мислење. Фактот што Ердоган ги контролира сите главни институции во земјата во последните 15 години значи дека најголем дел од одговорноста за актуелната криза е на него.
Во исто време по укинувањето на претходните изборни резултати, Имамоглу вети дека пак ќе победи, но направи облог дека тој не е само иднината на Истанбул, туку и иднината на Турција. Таквиот директен предизвик за Ердоган е ризичен и може да доведе до колапс на политичките амбиции на Имамоглу ако тој загуби на 23-ти јуни. Ако победи партијата на Ердоган, таа исто така ќе ја зајакне речиси апсолутната позиција на претседателот Ердоган во земјата, без разлика дали има рецесија или не.
Опозициската кампања
Имамоглу победи на изборите во март по кампања заснована на антикорупција, помош за сиромашните во градот и реформа на јавните набавки во мегаполисот. Уште поважни беа методите на Имамоглу – тој ја обиколи речиси секоја населба во Истанбул и разговараше со гласачите, често, еден по еден, откако го правеше тоа дури во населби кои се сметаат за упоришта на AKП.
Овој пат, Имамоглу, кој помина 14 дена како градоначалник на Истанбул, уште повеќе ја истакнува борбата против корупцијата. Во сите свои телевизиски настапи, Имамоглу ветува дека ќе ја прекине мрежата на договори за јавни набавки со луѓе и компании со кои Истанбул стана познат во изминатите 15 години. Имамоглу зборува и за огромната сума на пари која едноставно тоне во „црната дупка“ на истанбулските институции поради корупција, неефикасност и непотизам. Оваа порака е особено добро прифатена од Турците, кои се повеќе ги чувствуваат последиците од рецесијата.
Имамоглу, исто така, се потпира на поддршката на Курдите во Истанбул, како што беше случај и на минатите избори. Овој пат, овластената курдска ХДП партија дури немаше кандидат за јасна поддршка за Републиканската партија, од којад оаѓа Имамоглу. За возврат, кампањата на Јилдирим почна да пушта курдска музика на секој политички митинг. Но, по неколку години репресија на АКП, слични потези се премногу мали и премногу доцна.