Xiaomi започна нова бета програма за MIUI

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Иако неодамна ја сопре меѓународната бета програма за MIUI, Xiaomi сепак дава можност на корисниците со Pocophone F1, Mi 6 и Redmi 6 / 6A да се вклучат во затворени бета тестови на софтверот.

Тоа е нов пристап за тестирање на стабилноста на идните верзии на корисничкиот интерфејс, без тој да биде користен како главен од голем дел од корисниците. Новата програма вклучува работа со стабилен ROM, но секој што сака мора да биде подготвен да одговори на посериозни барања од вообичаените.

Од секој одобрен да стане дел од тестирањето ќе се бара редовен фидбек – недостатокот на таков е една од причините за прекинувањето на старата бета програма.

Меѓу другите барања се добро познавање на англиски јазик, отклучен bootloader, инсталирање на најновата верзија на MIUI Stable и познавање за QQ апликацијата за разговор.

Барања за учество во новиот процес се примаат до 7 јули а за „добрите“ потрошувачи се предвидени и награди, без да се прецизира какви.

Групата на бета тестери со Pocophone ќе работи со MIUI базиран на Android Q, а останатите со таков со Android P.