Германија во криза?

од Vladimir Zorba
315 прегледи

Состојбата на економијата може да се претстави и како полоша од реалната. Затоа, сите се плашат да го кажат лошиот збор „рецесија“. Сепак, нема смисла да ги затвораме очите пред вистината. Во германската индустрија, која е важен столб на германската економија, одамна има рецесија. Се повеќе компании имаат намера да го ограничат своето производство во наредните месеци, песимизмот го надминува оптимизмот.

Постојат многу причини и сите ги знаат: трговските конфликти во светот, криза во глобалната автомобилска индустрија, зголемената веројатност за „Брегзит“ без договор и, од неодамна, сè посилните воени закани што Кина ги упатува кон Хонг Конг. Една експлозивна мешавина.

Наспроти ова, не е изненадување што бруто домашниот производ во Германија се намали за 0,1 процент во вториот квартал од годината во однос на првиот квартал. Може да се очекува дека во тековниот трет квартал ќе се забележи следниот пад и тогаш ќе мора да кажеме дека германската економија – веќе и официјално – е во рецесија. По падот на економскиот раст во две последователни квартали од годината, економистите зборуваат за „техничка рецесија“.

Сосема нормален развој

Ова веројатно ќе биде случај. Сепак, нема причина да се паничи или да се воспоставуваат програми за стимули. Овој економски пад, иако поттикнат од специфичните фактори споменати погоре, е сосема нормален. И тоа следи по продолжената фаза на подем, каков Германија доживува во текот на последната деценија. Конјуктурата е редење на циклуси од различна природа, а не права линија.

Зошто ваков пад е важен во економијата? Многу компании во Германија буквално се „прегреаа“ – во последните неколку години, произведуваа со висока брзина. Тие честопати не можеа да ги исполнатт сите нарачки. Нивните капацитети беа скоро исцрпени. Додадете го тука озлогласениот недостиг на специјалисти. Сега, очигледно ќе се случи неопходното „ладење“ на економијата: со други зборови, ситуацијата едноставно ќе се нормализира.

Стотици илјади слободни работни места

Стравот дека ќе следат масовни кратења на работните места е исто така целосно неоснован во овој момент. Се разбира, звучи застрашувачки кога големи компании како Баер, БАСФ и Фолксваген најавуваат дека ќе скратат илјадници работни места. Но, ‘рбетот на германската економија не е создаден од големите концерни, туку пред сè од илјадниците мали и средни претпријатија. И тие докажаа дека на нив може да се потпре.

Никогаш во повоената историја на Германија немало повисока стапка на вработеност од сегашната. Сепак, истражувањата покажуваат дека има околу 1,4 милиони слободни работни места во земјата. Да не заборавиме дека Германија има одлична алатка за управување со кризи: воведување на скратено работно време и привремено намалување на платите. Во овој случај, Агенцијата за труд привремено ја презема исплатата на плати. На овој начин се избегнуваат кратења и деловните субјекти ги задржуваат своите специјалисти.

Во моментов, во германската агенција за труд има 50.000 апликации за привремено намалена плата при намален работен ден. Во 2009 година, за време на глобалната финансиска криза, кога германската економија опадна за 5 проценти, апликациите изнесуваа 1,5 милиони. Во тоа време, овој механизам помогна да се избегнат масовните отпуштања.

Потребни се нови инвестиции!

Она што сега и треба на Германија е воведување на брзи даночни олеснувања за работниците. Тековната економска криза сигурно ќе беше уште поголема доколку не беше силната домашна побарувачка. Сега, кога лошите вести за економијата ќе ги натераат луѓето да купуваат повнимателно, а бизнисите да се воздржат од вложување повеќе инвестиции, би било добро Министерството за финансии да биде малку подарежливо. Сега, не се потребни само заштеди, туку и стимулации за инвестиции и потрошувачка.

Многу добар предлог неодамна даде авторитивниот економист Михаел Хутер. Неговата идеја предвидува создавање на т.н. Германски фонд со капитал од 450 милијарди евра во текот на десет години, финансиран преку државни обврзници. Парите од фондот можат да се инвестираат во области како што се транспорт, брз интернет, домување, образование и заштита на климата. Така би имало по нешто за секого. Сепак, се плашам дека ваквите работи се невозможни со сегашната германска влада.

Хенрик Боме, ДВ