Косово: Повратничка од Сирија доби условна казна за организирање и учество во терористички групи

од Vladimir Zorba
72 прегледи

Косовски суд ја прогласи денеска Мерита Алиу, една од жените кои пред неколку месеци беа вратени од воените зони во Сирија, за виновна за организирање и учество во терористички групи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Судијата во Специјалниот оддел на Основниот суд во Приштина, Ваљон Куртај ѝ изрече на Алиу условна казна затвор во траење од 2,5 години.

При определувањето на казната беше земен предвид фактот дека обвинетата ја признала вината, се покајала и соработувала со истражните органи, како и тоа дека е мајка на две мали деца, од кои едното е болно и треба наскоро да биде оперирано.

Мерита Алиу е една од 110 косовски државјани кои, со помош на антитерористичките служби на Соединетите Американски Држави и со нивен авион, во април годинава беа вратени од Сирија во Косово. Четворица од повратниците се борци на терористичката Исламска држава (ИД), 32 се жени и 74 деца, од кои девет деца без родители.