ЕУ препорача подготовка за „хаотичен Брегзит без договор“

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Ризикот Велика Британија да излезе од структурите на Европската унија без договор, кој ќе го ублажи ударот за двете страни, се зголемува, предупреди Брисел во однос на политичките превирања во Лондон.

– Преостанатото кусо време и политичката состојба во Велика Британија го зголемија ризикот земјата да се повлече на тој датум (31 октомври 2019 година) без договор, соопшти Европската комисија која ја издаде својата последна препорака за подготовка за „хаотичен Брегзит без договор“.

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека Парламентот е „на работ да уништи каков било договор“, што неговата Влада ќе може да го постигне со ЕУ за условите за излез на Велика Британија од Унијата.

Џонсон, кој ноќеска претрпе пораз во Парламентот бидејќи ториевските побунети и опозициските пратеници гласаа за преземање на контролата врз излегувањето на Велика Британија од ЕУ , предупреди дека со гласањето за блокада на Брегзит без договор, што е најавено за денеска, Брисел ќе добие предност во преговорите. Тој тврди дека тоа би довело до неизвесност, одложување и забуна.

Џонсон кажа и дека не сака нови избори, но оти ќе ги распише за избирачите да можат да одлучат кој ќе ги води преговорите за Брегзит.

Британскиот Парламент ноќеска го одобри почетокот на постапката за усвојување закон со кој ќе се спречи излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор.

За предлогот гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против.

Парламентот денеска треба да се изјасни и за одложувањето на Брегзит, односно за излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор.

Џонсон вчера го загуби мнозинството во парламентот кога еден пратеник од неговите конзервативци премина во редовите на проевропската Унија на либерални демократи.

Слични содржини