Неколку стотина демонстранти денеска го зазедоа црвениот тепих на Венецијанскиот филмски фестивал, барајќи да се преземат активности во борбата против климатските промени, но и да се забрани влез на крузерите во тој град.

Фото: Ројтерс
Околу 300 демонстранти, во бели заштитни одела седнаа на црвениот тепих на кој во изминатите денови се сликаа холивудските ѕвезди како што се Бред Пит, Скарлет Јохансон и Јоакин Феникс. Опкружени од полиција, тие извикуваа слогани и носеа транспаренти со натписи: Нашата куќа гори“ и „Не за крузерите“.
– Сакаме да обрнеме внимание на климатската криза, затоа што сметаме дека во моментот тоа е најважната работа во светот, рече Кјара Бурати, член на Венецијанскиот комитет против крстосувачи.
Фестивалот, што се одржува на островот Лидо, официјално се затвора вечерва, а Бурати рече дека демонстрантите ќе протестираат и на други места во текот на денот.
Демонстрантите, вклучително и членови на италијански и странски групи, учествуваат во петдневниот климатски камп во Венеција.