Претставничкиот дом и изгласа доверба на новата италијанска влада

од desk4
124 прегледи

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го освои првиот од двата обврзни гласа за доверба на својата коалиција, составена од ривалски партии, по бурната седница на Парламентот и бројните навреди од страна на опозицијата, која е гневна што Италија наместо избори доби нова влада.

Гласањето во Претставничкиот дом, на кое 343 пратеници се изјаснија „за“, 263 беа „против“, а тројца пратеници воздржани, всушност е вовед за денешното гласање во Сенатот, кое веројатно ќе биде понеизвесно, бидејќи тука коалицијата нема солидно мнозинство.

Голем дел од седницата во Долниот дом на пратениците помина во расправии и навреди.

Конте формира нова коалиција од лути противници – популистичкото Движење 5 ѕвезди, кое тој го предводеше во првата коалиција, и од Демократската партија. Веројатно тоа што ги споило овие два партнера била одлучноста да се собори од власт Матео Салвини и неговата антимигрантска Лига.