Вучиќ: Лавров ни ја пренесе пораката на Путин дека Русија е со Србија

од Vladimir Zorba
147 прегледи

Русија е пријател и сојузник на Србија и го поддржува Белград за сите важни прашања, вклучително и Косово. Тоа го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на 74-то Генерално собрание на ОН, пренесува ТАСС.

„Ова ја зајакнува довербата меѓу нашите земји. На средбата се истакна поддршката за Србија во однос на меѓународното право, прашањето на Косово и Метохија и зачувување на нашата независност. Русија ќе биде со Србија – ова се зборовите на претседателот Путин, кои лично ни ги пренесе Лавров. За Србија е добро што во лицето на Русија имаме пријател и сојузник за сите важни прашања за нашата земја“, рече Вучиќ, истакнувајќи дека Лавров за време на средбата изразил длабоко почитување кон Србија.

Според него, прашањето за Босна и Херцеговина, исто така, било разговарано на средбата со првиот дипломат на Москва. Соговорниците се согласиле за важноста на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Вучиќ потсетил дека го очекува рускиот премиер Дмитриј Медведев во Белград на 19-ти октомври да присуствува на прославите по повод 75-годишнината од ослободувањето на Белград од нацистите.

На 25 октомври пак, српската премиерка Ана Брнабиќ ќе ја посети Москва, каде ќе потпише договор за слободна трговија меѓу Белград и Евроазиската економска унија.

„Ова е многу важно за нашата економија и земјоделството и исто така е дополнителен поттик за производство на одредени стоки што не можевме да ги извезуваме порано“, рече српскиот лидер.

Според Вучиќ, се разговарало и за можноста за самит меѓу претставници на Русија и Србија на највисоко ниво.