Костов: Докторка вербално нападната во ГОБ „8 Септември“, немаше протест на вработените

од Vladimir Zorba
180 прегледи

Членови на семејство на починат пациент синоќа во Градската општа болница „8 Септември“ се расправале со обезбедувањето, дежурната докторка и останатиот медицински персонал во таа јавна здравствена установа, изјави за МИА директорот на таа јавна здравствена установа, Христијан Костов.

– Станува збор за 67-годишен пациент примен е вчера околу 14 часот во Ургентен центар во тешка состојба. Пациентот беше сместен на Одделот за интензивна нега со срцева слабост, опериран, со хронична бубрежна слабост… И покрај тоа што бил во тешка состојба дадени се сите можни терапии. Направена е дијагностика и хемодијализа, меѓутоа вечерта околу 23 часот пациентот почина, рече д-р Костов.

Појасни дека семејството околу полноќ било информирано дека пациентот е починат, по што почнала расправија.

– Членовите на семејството прво се расправале со луѓето од обезбедувањето, немало физичка пресметка по што обезбедувањето ги испратило до Одделот за интензивна нега и во исто време повикале и полиција. Имале расправија со медицинскиот персонал, со докторката, со друг персонал. Полицијата дошла веднаш и ситуацијата се смирила. Членовите на семејството по националност се Албанци и денеска во утринските часови го земале телото на починатиот, истакна д-р Костов.

Посочи дека денеска вработените во болницата не протестирале пред неговата канцеларија.

– Имаше некаква дезинформација дека имало некаков протест изутрината, наводно дошле вработените тука кај мене, ама тоа не е точно. Јас ги повикав тие што беа дежурни да разговараме и да ми кажат што се случило за да имам конкретна слика. Немаше никаков протест на вработените, рече д-р Костов.