Светот посиромашен за еден глас: Почина светски познатата оперска уметница

од desk4
336 прегледи

Џеси Норман, која е интернационално позната оперска певица и неколкукратна добитничка на Греми, почина на 74-годишна возраст во Њујорк.

Таа е познат сопран, а во 2006 година се стекна и со награда за животно дело на Интернационалниот музички натпревар во Минхен. Првпат настапила во операта Метрополитен во 1983 година.

Норман почина во болница во Њујорк, како последица на откажување на повеќе органи, предизвикано од повреда од 2015 година, соопштуваат од семејството.

Веста за нејзината смрт ексклузивно ја објави агенцијата „Асошиејтед прес“. Во соопштението се наведува дека: „Сите сме горди на достигнувањата на Џеси и инспирацијата што таа ја даваше на публиката насекаде низ светот. Горди сме и на нејзината хуманитарна работа, посветена на гладните, бездомните, на напредокот на младите и посветеноста на уметноста и културата.“

Во текот на својата кариера таа има настапено во многу познати опери и театри, како и во многу оперски изведби, меѓу кои и „Кармен“ на Бизе и „Аида“ на Верди.

Нејзиниот уникатен глас е рангиран како близок до мецосопран според тонот, но распонот е соодветен на сопран. Деталите за погребот и комеморацијата семејството ќе ги објави наскоро.

Слични содржини