Шиб: Договор со Косово – услов за одлучувачки чекор на Србија во евроинтеграциите

од desk2
121 прегледи

Амбасадорот на Германија во Србија Томас Шиб изјави денеска дека сеопфатен договор со Косово е услов за Србија да го направи „одлучувачкиот чекор“ во процесот на евроинтеграциите.

– Германија е за решение и ние сакаме да се постигне сеопфатен договор преку дијалог, што ќе биде услов за Србија да го направи пресудниот чекор кон членството во ЕУ“, рече Шиб за Телевизија Прва.

Според него, Србија мора да го реши проблемот со Косово за да стане членка на ЕУ и „да ги искористи целосните придобивки“ од членството.

Амбасадорот рече дека е „жално“ што Приштина не ги укина таксите на стоките од Србија, и покрај сите обиди тоа да се издејствува.

– Признавам, жално е што таксите не се укинати без оглед на сите обиди да се реши тоа. Тоа не беа обиди само на Германија и Франција, туку и на некои други влијателни земји. Се надеваме дека таксите ќе бидат укинати по изборите во Косово, рече тој, додавајќи дека Берлин и Париз го поддржуваат дијалогот Белград-Приштина во сегашниот формат.