Вечерва промоција на „Културната дипломатија на СФРЈ“ од Васко Шутаров

од Vladimir Zorba
294 прегледи

Книгата „Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички” од д-р Васко Шутаров, која е културолошка опсервација на распадот на поранешна Југославија, ќе биде промовирана вечер од 19.30 часот во х. „Аполонија“ во Гевгелија.

Резултат е на подолго научно истражување и докторска дисертација, но и личен интерес на авторот за пронаоѓање одговори на бројни прашања од времето на распаѓањето на поранешна СФРЈ и создавањето нови држави наследнички. Според авторот, книгата во најголем дел содржи научни истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување но и разијдување на културите на поранешните југословенски републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави.
-Книгата не претендира на една и единствена причина за распадот на Југославија (а ги третира скоро сите најважни), но пледира на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси, изјави Шутаров кој како поранешен пратеник и дипломат активно работеше на планот на културата, креирањето на културни политики и културна дипломатија.
Ова е второ негово дело посветено на културната дипломатија по првата книга „Јавната и културната дипломатија” која беше преведена и издадена и во Бугарија. Шутаров е автор и на 20-на меѓународни научни трудови кои ја третираат оваа област од меѓународната политика.
Промотори на неговата нова книга ќе бидат професорите од Правниот факултет на Штипскиот универзитет проф.д-р Јован Ананиев и проф.д-р. Јадранка Денкова.

Слични содржини