Aлбанскиот премиер Еди Рама не е оптимист за она што ќе се случи следната недела во Советот на Европа, каде ќе се дискутира за отпочнување на преговорите на Албанија и Северна Македонија со Европската унија.
-Дали сум оптимист? Не, отсечно одговорил Рама за ирскиот весник „Ајриш Тајмс“, пренесува тиранската телевизија Топ чанел.
Тој додал дека не може да се биде оптимист ако се види се она што се случува во Европа.
-Јас сум оптимист за иднината на земјата(Албанија), но не и за она што ќе се случува идната недела . Ние сме колатерална штета. Кога некаде има бомби и се погодува една градина-ние сме градината,рекол Рама.
Тој се задржал и на правосудната реформа и критиките за нефункцинирање на судските институции.
-Ние исчистивме толку многу со процесот на ветинг, а практично Уставниот суд не функционира. И сега тие од ЕУ велат, добро вие ги исчистивте судовите и обвинтелствата од корупција, но немате Уставен суд. Сметам дека доцнењето на комплетирањето на Уставниот суд не треба да биде проблем за почеток на преговорите, додава Рама.
Тој посочи дека неговата земја „не очекува да станеме членка на ЕУ идната недела и ние тоа го знаме, туку бараме почеток на преговорите со кои за 10 години би станеле членка на ЕУ, а во тој перод нека нè оценуваат“.