Откако полицијата отстрани неколку малолетници од две кина во Атина, во кои се прикажува американскиот блокбастер „Џокер“, филмот кој носи ознака „Само за возрасни“, во Грција изби голема полемика.
Иако беа предупредени дека можат да бидат казнети, одредени родители не се засекираа за ова предупредување. Министерството за култура на Грција и тамошното Министерство за внатрешни работи, влегоа во полемика, откако според пишувањето на медиумите, полицијата во две кина извадила од кино десеттина малолетници, од 14-16 години, додека го гледале филмот на Тод Филипс, добитник на „Златен лав“ на годинешниот Венециски филмски фестивал.
Филмот е означен за забранет за малолетници поради страв од последици од гледање на сцените со насилство над деца.
До интервнеција на полицијата дошло по две пријави на службеници од Министерството за култура кои се нашле во киното, се наведува во соопштението од полицијата.
Седум тинејџери од едното кино се однесени во полициска станица, а родителите биле повикани да ги преземат со најава дека против нив ќе бидат подигнати прекршочни пријави поради злоупотреба на малолетници.
Филмот „Џокер“ ја следи преобразбата на депресивниот комичар, кого општеството го злоупотребува и се претвора во насилник. На премиерата во Лос Анџелес, на крајот од септември, имаше засилено полициско присуство околу кино салите.