„Врие“ на британскиот кралски двор

од desk4
226 прегледи

Документарниот филм „Хари и Меган: Патување во Африка“, со денови по прикажувањето предизвикува бура од реакции во Британија и светот. Неочекуваните искази на принцот Хари за менталното здравје, односот со брат му и нападите на медиумите, го загрижија кралското семејство.


Ваквите потези никогаш не се прават на своја рака, туку во консултација со остатокот од монархијата, но овој пат војводите од Сасекс не го следеа протоколот. Како што пишуваат британските таблоиди, од сигурни извори се дознало дека принцот Вилијам изразил длабока загриженост за состојбата на братот и снаата.
Војводата од Кембриџ рекол дека се надева дека и двајцата се добро и заклучил дека се во лабилна фаза од животот. Иако палатата не реагираше јавно во врска со документарецот, сепак се зборува дека кралицата била вознемирена од ваквиот потег, исто и принцот Чарлс. Всушност тој бил личноста која има најдобар однос со снаата Меган, па се обидувал што повеќе да ѝ го олесни прилагодувањето во новиот живот. Имат исти интереси за музика и уметност. Дури и кралицата Елизабета втора предлагала семејни состаноци за да се дојде до најдобро решение за проблемите на младото семејство. Но ништо не помогнало.
Постарите членови на семејството биле многу повеќе загрижени за принцот Хари кога прозборел за своите тешкотии и менталното здравје, повторно осврнувајќи се на смртта на својата сакана мајка принцезата Дајана, што на него оставило непоправливи последици. Истовремено, медиумите ширум Британија не се чувствуваат виновни, туку тврдат дека принцот Хари прв почнал војна со нив.
– Тој едноставно не ги поднесува медиумите. Нè мрази. Кога е во наша близина секогаш се мурти, го врти грбот на камерата, за да не можеме да го снимиме, тоа за него очигледно е премногу болно – зборува отворено за Би-Би-Си новинарот Џони Дајмонд, кој со години го следи кралското семејство.
Тој заклучува дека Хари и Меган испраќаат нејасна порака. Не е сигурен дали избрале добра насока и тврди дека очигледно не се подготвени за сè што носи титулата кралски претставник.
За разлика од него, брат му Вилијам исто така на свој начин се соочи со губењето на мајка му, нагло порасна и на грб носеше огромна одговорност, но никогаш не го изгуби почитувањето кон седмата сила.

Слични содржини