По огромниот човечки синџир демонстрантите во Либан денеска со автомобили ги затвораат сообраќајниците

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Демонстрантите во Либан денеска дополнително ги засилија блокадите на приодите кон Бејрут со десетици возила поставени на средина од улиците, крај барикадите што стојат повеќе од десет дена, пренесуваат француските медиуми.

Дополнителната радикализација на протестите доаѓа само еден ден по спектакуларното покажување на единството меѓу демонстрантите кога беше формирана човечки синџир долг 170 километри долж средоземниот брег на оваа земја, од север кон југ, со што демонстрираа одлучност да не се откажат од своите барања.
Од 17 октомври демонстрантите бараат заминување на актуелната политичка гарнитура во власта во земјата, која ја сметаат за целосно неспособна и корумпирана.

Бројни политички лидери веќе повикаа на отстранување на барикадите, за да се овозможи продолжување со редовните активности, но социјалните мрежи се преплавени со повици за нивно засилување.
Автопатот долж брегот меѓу Бејрут и Триполи, голем град на север од земјата, утринава на повеќе места беше „херметички“ затворен со десетици возила попречени на патот. Блокади се појавени, исто така, и на автопатот што ги поврзува главниот град со југот на земјата.

Протестите денеска влегуваат во својот 12-ти ден, а излезот воопшто не е на повидок.

Војската, која излезе од касарните во некои сектори од земјата, засега останува неутрална.

Бесот на демонстрантите експлодира по објавување на новиот данок за повици на „Воцап“ (WhatsApp) и иако данокот веднаш беше укинат тоа не ги спречи луѓето незадоволството од политиката да го прелеат низ целата земја.

Слични содржини