Грејната сезона не започнала со сета силина, а Македонија веќе се гуши во смог. Скопје, Тетово, Куманово, Струмица, нема град, нема регион во Македонија кој што го нема овој проблем. Денеска најзагадено е Скопје, вчера беше Тетово, пред тоа, Куманово, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
“Заев ветуваше гасификација, по теркот на Струмица и Куманово, а и годинава тие два града предничат во загаденост. Заев ветуваше здравје, а државните болници се најголемите загадувачи во Куманово и Струмица. Минатата грејна сезона Венко Филипче вети гасификација на најголемиот загадувач во Куманово, болницата, но и на болницата во Струмица и на гинекологија во Чаир, но тие и годинава наместо да лечат, дават преку оџаците бидејќи се на мазут”, истакна Стоилковски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ во екот на еколошкиот аларм лани предочи сет од 20тина мерки меѓу кои и онаа за гасификација на болницата во Куманово, на која и се потребни околу 200.000 евра од државниот буџет.
“За жал ништо од тоа не е прифатено и преземено. Наместо гасификација на загадувачите, сега власта преку министерството за економија влегува во предизборен популизам со распределба на 250.000 евра за субвенционирање на неполни 900 плински уреди за автомобили”, додаде Стоилковски.