Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, не гледа ништо лошо во тоа што Кристијано Роналдо откако беше заменет на дербито со Милан, веднаш отиде во соблекувалната.
– Мора да му се заблагодариме на Роналдо, бидејќи тој направи жртва во тешка ситуација. Направи сé што е можно да игра, но видов дека не се чувствува добро, па решив да го заменам. Природно е дека играчот ќе се изнервира кога ќе го напушти теренот, особено откако ќе направи ваква работа, изјави Сари.
Португалецот имал проблеми со повреда добиена на тренинг.
– Тој имаше мал проблем со коленото по судир на тренинзите. Кога игра или тренира со висок интензитет, ова го става надвор од рамнотежа, и затоа на крајот му штети на мускулите. Ова влијае на неговиот настап. Во моментов не е во најдобра состојба, додаде Сари.
Јувентус синоќа во 12. коло од шампионатот го победи Милан со 1:0. Стрелец на голот беше Пауло Дибала кој влезе на местото на Роналдо во 55. минута.