Солидарноста, демократијата и слободата се клучните вредности на Алијансата. Солидарноста искажана во конститутивниот акт на НАТО каде членот 5 првпат влезе во употреба по нападите од 11 септември. Демократијата пак има голема вредност, бидејќи земјите членки откога станале дел од Алијансата ниту една од нив не станала диктатура, односно останала демократија, рече претседателот Стево Пендаровски на дебата со студентите на Факултетот за безбедност насловена „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО: Цели, предизвици и можности“ на кој учествуваше и амбасадорката на САД во нашата држава Кејт Мари Бернс, во рамки на НАТО Караванот низ неколку градови во државата, а во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграци.
„Во однос на слободата, членките на Алијансата се многу подобри од која било друга држава или регионална организација во светот. Она што е многу важно за малите држави кои се членки или сакаат да станат членки на Алијансата е плурализмот, се почитува плурализмот на членките бидејќи секоја држава има еден глас по клучниот програм на НАТО, Северноатлантскиот совет кој ги носи најтешките одлуки“, нагласи Пендаровски посочувајќи на важноста од членството наспроти гласините дека НАТО е застарена организација.
Според претседателот, НАТО успешно се прилагодува и на новите закани, а тероризмот со религиозен предзнак е закана за членките на НАТО.
„Тоа е закана на сите континенти, а гледаме дека тоа се случува блиску до нас“, истакна Пендаровски и потцрта дека ние сме предмет на напад и со т.н. „фејк њуз“, односно лажни вести со кои, како што рече, се обидуваат да се поткопаат демократските вредности.
Претседателот потсети и на трите мисии во нашата држава во 2001 година, меѓу кои првата беше за предавање на оружјето од нашите граѓани, а другите две беа за стабилизација на поранешните кризни региони. Тие мисии, рече тој, беа да ја стабилизираат државата по конфликтот, а тоа, според него, е и главната причина што Европската унија ни даде кандидатски статус.
За придобивките од членството во НАТО пред студентите од Факултетот за безбедност и питомците од Воената академија говореше и амбасдорката на САД, Кејт Мери Бернс, за кои рече дека Америка тоа го искусила преку употреба на членот 5 по нападите од 11 септември во 2001 година во Њујорк и Вашингтон.
„Предизвиците опфаќаат и закани кои доаќаат од различни земји, а посебно од Русија за која сте сведоци дека напаѓа соседи и окупира територии. Таа Русија која се обиде да ги поткопа западните демократии преку сајбер напади и разни информацииски кампањи“, истакна Бернс.
Амбасадорката нагласи дека покрај придобивките, Северна Македонија треба да прифати и одговорност, односно да одвои два приоценти од БДП на земјата за буџетот на Армијата.