Спасовски: Реализиравме низа активности во безбедноста отпочнувајќи ја целосната реформа на овој сектор

од Aleksandar Todeski
204 прегледи

Речиси и да не постои идеја, иницијатива или вредност која што, гледано низ призмата на историската фактографија, не била предмет на негирање или спротивставување, независно колку и да била прогресивна, поточно општествено или цивилизациски полезна. Доволно е само да се осврнеме на минатиот век, особено на настаните од неговата последна декада, што еве и на почетокот од овој век рефлектираат динамични геополитички и цивилизациски промени, за да добиеме јасен впечаток за глобалните противречности и предизвици, што имаат значајни  реперкусии како во меѓународни, така и во национални рамки. Се разбира, вклучително и во доменот на безбедноста, рече вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на вечерашната тематска средба „Безбедносни придобивки и предизвици за Северна Македонија од членството во НАТО“ што се одржа во Битола.

„Тука лежи и смисолот на безбедносното партнерство кое што, преку потесна заедничка соработка, има примарна задача да ги зачува и да овозможи натамошен развој на општествените и пошироките цивилизациски стандарди и вредности што ги споделуваат заедниците. Односно да ги зачува слободата, интегритетот, уставно-правниот демократски поредок, ресурсите и перспективите на државите за нивен натамошен развој и благосостојба на нивните граѓани“, истакна Спасовски.

Според него, панел дискусијата на невладината организација МОСТ, посветена на темата „Безбедносни предизвици за Северна Македонија од членството на НАТО“ има за цел да даде одговор, во еден поширок контекст, што значи за нас нашето скорешно асоцирање во НАТО, гледано од аспект на безбедноста на државата.

„Притоа, најнапред мораме да бидеме начисто со фактот дека во овој момент за нас, за нашата држава, не постои ниедна друга реална, опиплива опција во поглед на обезбедување подолгорочна стабилност и сигурност на државата, освен патот кон наше целосно евроатлантско членство, најнапред во НАТО, а потоа и во ЕУ. Околу ова прашање не треба да има никакви сомнежи. Второ, Северна Македонија, иако сè уште не е полноправна членка во НАТО, сепак веќе две децении наназад е респектабилен партнер на алијансата. Нашата контрибуција е неспорна и потврдувана многу пати од овој сојуз. Ние и сега, иако формално сè уште не сме дел од НАТО, практично целосно ги споделуваме сите предизвици што стојат пред алијансата“, рече Спасовски.

Според него, последниве неколку години формите на дискретен или суптилен пристисок, се и тоа како присутни во нашето општество, почнувајќи од разните облици на хибридни закани, сајбер активности, пропагандни активности манифестирани не само преку сферата на дезинформациите и лажните вести, туку и преку наметнувањето на јавно-тематските дискурси.

„Притоа, разни состојби во општество се претставуваат исклучиво во негативен контекст, како на пример, енергетскиот сектор или енергетската зависност, проблематичниот правосуден систем, мултиетничноста, па сè до глобални состојби што се димензионираат како внатрешен проблем, како што е примерот со мигрантската криза и нејзините потенцијали. Креирањето на искривена перцепција не е ни малку наивен облик на деструктуирање на општествената енергија и мотивацијата. Се разбира, тука се и оние, би рекол поочигледни форми на безбедносни предизвици, кои што делумно се условени и од нашата географска позиција, особено кога станува збор за опасностите што стојат во заднината на миграциските трендови. Пред сè, тука мислам на опасностите од пролиферација на т.н. странски борци во редовите на екстремистичко-терористичките парамилитарни формации од Блискиот и Средниот Исток, а меѓу нив и оние коишто поттекнуваат од земјите во регионов, вклучително и од нашата земја. Потоа, на врската меѓу организираниот криминал и финансирањето на терористичките активности, како и насилниот екстремизам и радикализам“, нагласи министерот за внатрешни работи.

Тој нагласи дека сите досегашни активности во изминативе две-три години, и како Влада, и како министерство за внатрешни работи, токму во безбедносната сфера презеле и реализирале низа активности, отпочнувајќи ја целосната реформа на овој сектор.

„Притоа, делумно бевме мотивирани од внатрешно-општествените реалности, но и заради воспоставување на стандарди што ќе бидат во корелација со оние во земјите членки на НАТО и што се, всушност, дел од оној битен, условно кажано, политички концепт што НАТО алијансата го фундира како нужен критериум за рамноправна членство. Преку носењето на Законите за ОТА и АНБ, како и другите измени во нормирањето на оваа сфера, преку реформата на самото министерство за внатрешни работи и носењето на мноштво важни агенди и механизми на институционално рамниште, Република Северна Македонија направи повеќе од суштински исчекор во хармонизацијата на регулативата и практичното делување во областа на безбедноста, соодветно на НАТО стандардите. Тој процес допрва ќе добие на уште поголем интензитет. Дотолку повеќе што самото асоцирање во НАТО не треба да се гледа само како своевидна безбедносна гаранција, туку и како силен и далеку поширок општествен стимул за системско реформирање и генерално подигање на сите релеватни стандарди на општественото живеење и функционирање. Имено, членството во НАТО на внатрешен план, меѓу другото, ќе значи и унапредување на демократските реформи. Да се биде сигурна и стабилна земја, земја каде што доминираат демократијата и владеењето на правото, во старт ја мултиплицира политичката и економската привлечност на Македонија за инвестициски активности, што пак, само по себе води кон економски раст од којшто најголем бенефит ќе имаат граѓаните, преку подигање на нивниот животен стандард“, потенцира Спасовски.

Покрај ова, додава министерот, безбедноста и стабилноста за Северна Македонија, што доаѓа со членството во најмоќниот воено-политички сојуз во светот, ќе се одрази позитивно и на безбедноста и стабилноста на целиот балкански регион, преку подобрување и интензивирање на билатералното и мултилатерното партнерство и регионалната соработка.

„Колку за илустрација, тоа што беше незамисливо само пред неколку години, сега е реалност – Грција го обезбедува воздушниот простор на нашата земја. Како членка на НАТО, Северна Македонија ќе може да придонесе уште повеќе за стабилизирање на регионот. На крајот, дозволете ми да истакнам дека нашето асоцирање во НАТО е извонредна можност за далеку подинамичен и реален развој на нашата држава, и пред сè – за наше конечно етаблирање на светската мапа на држави. Колку и како ќе се искористи таа прилика, првенствено зависи од нас самите, од нашата подготвеност и волја да фатиме приклучок во светот на којшто сакаме и природно му припаѓаме“, вели Спасовски.

Слични содржини