Различни толкувања за препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците

од Vladimir Zorba
260 прегледи

Изминативе денови владините партнери СДСМ и ДУИ излегоа со различно толкување за препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците, иако официјалниот извештај на Комисијата дури денеска треба целосно да биде достапен.

Премиерот Зоран Заев најави дека власта ќе ги испочитува укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците. Ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите кои работат, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го укажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување. Но, како што изјави вчера премиерот „нема да дозволимe да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат“.

-Секогаш сме биле конзистетни на изјавите и она што сакам уште еднаш да го реафирмирам во јавноста е дека многу убави работи се случија во последните две и пол години со кои што нашиот народ, сите етнички заедници, различни религиозни групи и секако различни културолошки наследства и сличности, успеа да се обедини во концептот на „Едно општество за сите“. Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која не обедини. Секако, како што рековме и претходно и така понатаму ние дадовме заеднички писма и дописи до Венецијанската комисија, Владата носеше одлуки, Парламентот го усвои претходно законот, додаде премиерот Заев.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го повтори ставот дека мислењето на Венецијанската комисија ќе се почитува. Таа вели дека ќе го почекаат официјалниот извештај на Комисијата, ќе го анализираат мислењето, па ќе излезат со заеднички став.

По долгите дискусии за Законот за јазици ние, како што рече Шекеринска, излеговме со текст зад кој застанавме и добивме сериозно мнозинство и во Собранието, кажавме дека имаме и одредени дилеми и за тие дилеми, но и за целиот Закон, самата Влада побара мислење од Венецијанската комисија.

Вицепремиерот Бујар Османи пак смета дека секое поместување еднострано на балансот во македонско – албанските односи кои се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала која ќе не помести од патот кој што сме тргнале.

Објаснувајќи што значи еднонасочно поместување, рече дека кој било обид, на пример дали македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално, како што рече, ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

Коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија, Османи посочи „колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава“.

– Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија, рече Османи.

Според него, сите забелешки на Венецијанската комисија треба да се имплементираат во акциските планови и во создавањето капацитети.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против унапредување на правата на граѓаните во Македонија, но тоа да биде согласно Уставот и законите.

-Тоа го бараше ВМРО. Да се седне да се разговара и да се направи функционален закон за употреба на јазиците во Република Македонија. Да се направи законски текст којшто ќе биде согласно Устав, закони, функционалност и сето тоа да се однесе на оценка на Венецијанската комисија, за да не се доведеме во ситуација како што државата е доведена сега, рече Стоилковски.

Венецијанската комисија во мислење усвоено пред неколку дена ги повикува властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот.

Слични содржини