Во 21 век, во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување е неспорно. Односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот, напиша на Фејсбук министерот за надворешниработи Никола Димитров во врска со ставот на Бугарската академија на науките за македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици. Стандардниот македонски јазик е официјално кодифициран во мај 1945 година, врз основа на централните говорни форми во тогашна Македонија. Беше еден од трите официјални јазици и во поранешна Југославија, а присутен е во ОН уште од 70те години на минатиот век. Македонскиот јазик има свој историски развој и е признат од меѓународната заедница на лингвисти“, наведува Димитров.
Посочува дека историскиот процес што го почнавме со соседна Бугарија, за да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди, претпоставува взаемно прифаќање.
„Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик. За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот. Лесно е да се растури, тешко е да се гради“, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров.