Ивановска: Јавното обвинителство сè уште работи под притисок

од Aleksandar Petrovski
219 прегледи

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска смета дека Јавното обвинителство (ЈО) сè  уште работи под притисок, од, како што посочи денеска, две причини – првата е што за некои предмети сè уште нема одговори, а втората е дека за некои предмети, пак, добиваат многу брзи одговори. Тоа, како што рече, упатува дека има различни нарачки.

– Мислам дека треба  уште многу да сè работи, секој на себе прво, па потоа нели институционално да се зајакнуваат механизмите за контролно однесување итн. Ние најавивме од наша страна дека за наредната година прво судниот систем ќе биде ставен во годишниот план за проверка и следење на имотната состојба, ќе си дадеме свој придонес од нашиот аспект, согласно нашиот закон и ќе видиме како ќе оди понатаму, изјави Ивановска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа колку се задоволни од постапката на ЈО кога упатуваат препораки да се поведе кривична одговорност на некој, пред почетокот на обуката за улогата на укажувачите во борбата против корупцијата.

Прашана за тоа колку е доволно следењето на состојбата на судиите и обвинителите во борбата против корупцијата Ивановска рече дека првиот чекор е дали тие се ажурни, дали доставуваат анкетни листови, како за почеток или за крај на функцијата, но така и за секоја промена што е, како што вели, многу важно и индикативно, потоа дали доставуваат точни податоци и дали има некаков лош размер меѓу нивните примања и нивниот стекнат имот.

– Треба малку поконкретно да се следи целиот проблем, затоа што тука се другите институции, како што е Финансика полиција и Финасиско разузнавање. Доколку ние утврдиме несразмерно зголемување на имотот, тогаш нашите предмети ги доставуваме до овие надлежни институции кои имаат истражни центри и кои подлабоко ги истражуваат случаите, односно како и на кој начин е стекнат имотот и си поднесуваат пријави понатаму. Ние и претходно отворивме предмети за пет судии, кои по нашата обработка ги дадовме понатаму и очекувам дека за некое поскоро време тие ќе бидат завршени, рече Ивановска.

Во однос на ветингот во правосудството таа рече дека може да се зборува за најава и за ветинг, но тоа треба добро да се подготви. Ветингот, смета Ивановска, мора да биде заснован на закон.

Слични содржини